Обвинителството за организиран криминал со кое раководи обвинителката Вилма Русковска за „А1он“ потврди дека на адвокати од „Рекет“ им било понудено да го купат исказот даден од Зоран Милевски-Кичеец.
„Случајот е пријавен, а пријавата е распределена на надлежен обвинител кој ќе постапува по истата. Пријавата е поднесена од лице од одбраната“, велат од Обвинителството.
Неофицијално, Обвинителството ќе ги прегледува камерите за да види кој влегувал и излегувал од просториите каде се чуваат исказите дадени од осомничени лица. Исто така, ќе се проверува и бројот од кој биле повикувани адвокатите.
Еден од бранителите пред два дена бил повикан од мобилен телефонски број доцна попладнето, од страна на непознат маж кој го запрашал дали е заинтересиран да му го обезбеди исказот од Кичеец, кој е второосомничен во „Рекет“.