Останувам целосно во искажаното на мојот бранител. Покрај тоа што мојот бранител наведе дека сум два пати неуспешно опериран, би додал дека мојата состојба е животно загрозувачка, рече во Апелациониот суд, првообвинетиот во случајот „Рекет“, Бојан Јовановски.
„Јас повраќам константно во тие услови. Затворскиот лекар има желба да помогне, но не може поради состојбите. Имам органски проблем. Јас сум во добра психичка состојба. Неуспешните операции се поради лекарска грешка. Пресечен ми е нерв од желудникот и затоа јас повраќам, ова ми го кажа докторот Спировски од торакална хирурхгија. Имам проблем со белите дробови и уште четири дијагнози. По многу од укажаните упатствија од затворскиот лекар, условите кај што се наоѓам не го дозволуваат тоа“, рече Боки 13.
Тој вели дека иако физички изгледа добро, тоа не ја отсликува неговата здравствена состојба.
„Во оваа постапка треба да бидам жив и здрав, а не мртов. Во однос на бегството, би сакал да додадам дека мојот лик и дело, семејство, менталниот склоп, не укажуваат на тоа. Кога бев уапсен, не бев даден во бегство, туку имав уплатен седумдневен одмор со свои пријатели. Јас живеам за докажување за вистината на овој случај, докажување на мојата невиност. Свесно кажувам дека сум тука целосно со сите мои сознанија, факти и докази, да учествувам во фер постапка“, кажа Јовановски и додаде:
„Исказ пред Русковска не беше даден бидејќи не беа завршени вештачењата. Го молам судечкиот совет поради да ја уважи жалбата, бидејќи и во писменото мислење од страна на докторот Спировски, е наведено дека мене ми е неопходно строго хигиенско лекување“.
Боки 13 кажа дека секојдневно бара да го носат во болница, но го носат, кога состојбата драстично ќе му се влоши.