Русија ги повикува сите земји да ја поддржат изјавата за недозволивост на нуклеарната војна, рече рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров за време на дискусијата на 74-та сесија на Генералното собрание на ОН.
– За да спречи понатамошна ескалација на тензиите, Русија презеде голем број иницијативи. Претседателот Владимир Путин објави одлука да не се распоредуваат ракети со среден и краток дострел во Европа и другите региони, доколку Американците се воздржат од тоа. Поканети се САД и НАТО да се приклучат на овој мораториум. Ние повеќе пати му предложувавме на Вашингтон да ги започнеме преговорите за продолжување на Договорот за намалување на стратешкото офанзивно оружје, рече Лавров.
Тој додаде дека Русија, заедно со Кина, се залагаат за постигнување правно обврзувачки документ за да спречат трка во вооружувањето во вселената.
– Реакцијата на САД и нејзините сојузници, засега, не дава надеж. Загрижува немањето одговор и на нашите предлози пред американските колеги уште пред една година: на највисоко ниво да се донесе руско-американска изјава за неприфатливост на нуклеарна војна во која не може да има победник. Ги повикувам сите земји да ја поддржат оваа иницијатива, рече Лавров.
Тој најави дека Русија на тековната седница на Генералното собрание на ООН ќе поднесе предлог-резолуција за зајакнување на контролата на оружјето.
– Усвојувањето на резолуцијата ќе биде голем придонес за создавање услови за успешно одржување конференција за реализација на Договорот за неширење на нуклеарното оружје наредната година, рече Лавров.
Шефот на руската дипломатија посочи дека филозофијата на Западот не оди во чекор со времето и дека тешко прифаќа да ја намали својата доминација во светските работи.