Немањето договор за барањето на Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ нивните пратеници да бидат распоредени во собраниските тела, повторно беше причина за одложување на седниците на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, која меѓу другите, требаше да одлучува за местото главен ревизор, но и за АВМУ, МРТВ, Дирекцијата за заштита на лична податоци и други точки.
Државниот завод за ревизија се соочува со блокада доколку до 4 октомври не биде избран главен државен ревизор.
Мухамед Зекири од СДСМ побара шесте седници на Комисијата за прашања на изборите и именувањата денеска да бидат одложени поради тоа што координаторите на пратеничките групи не постигнале договор за распоредување во комисиите.
Претседателот на Комисијата Илија Димовски рече дека би било непринципиелно да не го прифати барањето на СДСМ. Предупреди дека и во комисијата што ја предводи никој не може да обезбеди мнозинство.
-Уште еднаш ќе дадам можност координаторите да разговараат, рече Димовски.