По еден ден пауза Бојан Јовоановски-Боки 13 е спроведен од истражниот зaтвор Шутка во Обвинителството за организиран криминал и корупција, откако во понеделникот не сакаше да даде исказ пред обвинителката Вилма Русковска бидејќи не знае со какви докази располага таа. Тој денеска ќе направи увид во нив.
Малку подоцна во Обвинителството за организиран криминал и корупција дојде и адвокатот на Бојан Јовановски, Сашо Дуковски.
Третоосомничената во случајот „Рекет“, поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, исто како и првоосомничениот Бојан Јовановски-Боки 13, вчера во Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција побара да направи увид во доказите, па потоа да го искористи правото да даде исказ. Второосомничениот Зоран Милевски-Кичеец ќе биде пуштен во домашен притвор.
Адвокатката на Јанева, Ирена Фрчкоска, по излегувањето од ОЈО вчера рече дека нејзиниот клиент најпрво ќе го искористи правото да изврши лично увид во доказите, па потоа ќе даде исказ. Увидот во доказите ќе биде извршен в четврток.
Во изминатиот период во врска со овој случај во Обвинителството сведочеа бизнисменот Силјан Мицевски, водителката Лила Филиповска и пратениците Фросина Ременски и Александар Кирацовски, како и претседателката на Собранието на Меѓународниот сојуз, Агапи Дика, и бизнисменот Зоран Азманов.
Обвинителството за организиран криминал и корупција го отвори случајот „Рекет“ во јули годинава, против Бојан Јовановски-Боки 13 и Зоран Милевски-Кичеец, за потоа истрагата да се прошири и против Катица Јанева. Сите тројца се наоѓаат во притвор.