Бојан Јовановски познат како Боки 13 со лисици на рацете донесен на распит кај обвинителката Вилма Русковска за случајот „Рекет“. Претходно дојде и адвокатот на Јовановски, Сашо Дуковски.
Боки 13 со полициско возило е спроведен од истражниот затвор „Скопје“ во Шутка до Обвинителството за организиран криминал. Тој за првпат откако му беше одреден притвор, дава исказ како првоосомничен во случајот, а на товар му се ставаат две дела „примање награда за противзаконито влијание“ и „перење пари и други приноси од казниво дело“. Тој пред Русковска ќе треба да каже каде завршила торбата „Луј Витон“ со милионите на Орце Камчев, со кого соработувал, да ја објасни улогата на Катица Јанева во случајот, но и дополнителни информации потребни за истрагата.
Боки 13 беше приведен на 15 јули годинава на граничниот премин „Богородица“ при обид за бегство поради сомнение за изнудување пари од бизнисменот Орце Камчев. Од страна на судот му беше одреден триесетдневен притвор, кој потоа му беше продолжен. Според истрагата која ја води Русковска, Боки 13 заедно со Зоки Кичеец во два наврати земале 1,5 милион евра од побарани осум милиони евра со ветување дека преку ексшефицата на Катица Јанева ќе ја запрат истражната постапка или ќе му ја олеснат положбата во постапката.
Во изминатиот период во врска со овој случај во Обвинителството беа повикани бизнисменот Силјан Мицевски, водителката Лила Филиповска и пратениците Фросина Ременски и Александар Кирацовски, претседателката на Собранието на Меѓународниот сојуз Агапи Дика и бизнисменот Зоран Азманов.
Утре на распит ќе биде донесена ексшефицата на СЈО, Катица Јанева, која исто така се наоѓа во притвор.
Минатиот месец, на распит кај Русковска беше и второосомничениот Зоран Милевски-Кичеец. Тој три часа се задржа во обвинителството, користејќи го своето право да се брани со молчење.