Актерот Џереми Ајронс и Европската комисија влегоа во заедничка акција за спас на Земјата и човештвото од нерециклираниот пластичен отпад, што го загадува светот и го загрозува животот на луѓето, јави дописникот на МИА од Брисел.
Оскаровецот Ајронс, денеска се појави на прес-конференција во седиштето на Комисијата во „Берлемон“ и заедно со еврокомесарот за животна средина Јанез Поточник ја претставија акцијата за „зелена хартија“ на Европската унија.
Според податоците што ги објави ЕК, 503 килограми по лице е генериран локален отпад во 2011 година, додека 486 килограми од нив се третирани по глава на жител. Дури 37 проценти од овој отпад завршува на депонија, 23 отсто се пали, 25 проценти се рециклира, а 15 отсто се компостира.
– Јас сум во Брисел, во утробата на ѕверот. Знам за бирократијата и тешката машинерија на функционирање на Унијата, но да работиме заедно за да ја заштитиме нашата планета и нашите животи, а иднината на нашите деца да ја направиме поубава, почиста. потенцираше Џереми Ајронс на средбата со новинарите во ЕК
Инаку, легендарниот британски актер е вклучен во оваа акција на ЕУ поради неговиот документарен филм за тоа колку пластичниот отпад ја уништува земјината топка. На денешниот прес, комесарот Поточник посочи дека ЕУ е ја засили борбата со отпадот, со цел почиста планета.
Евростат, по овој повод, денеска објави и податок дека во Република Македонија има 357 килограми генериран отпад по глава на жител и дека ова количество и се третира во однос на едно лцие во текот на годината, од кои 100 проценти од отпадот завршува на депонија.