Јапонец на возраст од 75 години починал откако одбиле да му пружат помош во 25 болници. Човекот повикал Итна медицинска помош заради проблеми со дишењето, но наместо да биде примен во некоја болница, починал откако 25 болници го одбиле дури 36 пати.
Несреќниот човек речиси два часа бил во возилото на Итната помош во обид да биде пронајден лекар кој ќе му пружи помош. Помош повикал околу полноќ во градот Куки, во провинцијата Саитама. Несебично бил згрижен од нив, но 25 болници во тоа подрачје одбиле да го примат правдајќи се со недостиг од кревети или недостиг од лекари кои би можеле да го прифатат како свој пациент.
Во некои болници од Итната помош одново се враќале во нови обиди, но повторно добивале ист одговор – нема место за пациентот.
Лекарите од Итната помош по два часа конечно пронашле болница во соседниот регион Ибараки, но мажот бил прогласен за мртов непосредно рпед да биде хоспитализиран.
Тој случај повторно покрена низа реакции за јапонскиот систем за здравствена заштита бидејќи тој човек не е првиот кој починал откако побарал помош во локални болници. Според локални медиуми, 69-годишен Јапонец во 2009 година починал откако заради повреди на главата, побарал помош во 14 болници, но сите одбиле да го згрижат наведувајќи причини еднакви на причините во случајот со човекот од градот Куки.
Во извештај на јапонската Влада од 2007 година, стои податок дека 14.000 пациенти минимум трипати биле одбиени пред некоја болница да се одлучи да им укаже помош.