Во Обвинителството за организиран криминал и корупција пристигна пратеникот и доскорашен генерален секретар на владејачката СДСМ, Александар Кирацовски, каде треба да даде исказ во врска со случајот „Рекет“.
Тој кажа дека е повикан во Обвинителството како сведок. Кирацовски најави дека по завршувањето на распитот ќе даде изјава за медиумите.
Претходно неделава искази во Обвинителството дадоа пратеничката и почесна претседателка на Меѓународниот сојуз, Фросина Ременски, водителката Лила Филиповска, бизнисмените Силјан Мицевски и Ардијан Амзоски.
Ременски по завршување на 2 и пол часовниот распит ги отфрли сите шпекулации во кои таа се поврзува со извршување било какво кривично дело и нејзина поврзаност со случајот Рекет. Ременски исто така кажа дека не присуствувала на состанокот со бизнисменот Силјан Мицевски и Бојан Јовановски-Боки 13 каде се договарала трансакцијата од 720 илјади евра.
Мицевски пред Обвинителството изјави дека пари префрлил на сметката на Меѓународниот сојуз, а не на сметка на пензионерката Лилјана Тодоровска. Станува збор за 720 илјади евра кои, како што рече, ќе бара да му бидат вратени.
Водителката Лила Филиповска на излегување од Обвинителството не сакаше да даде изјава за медиумите. На новинарските екипи им испрати бакнеж со зборовите „чао друштво“.
Амзоски на сметката на Меѓународниот сојуз на Боки 13 уплатил околу 260.000 евра за стратешко партнерство и деловна соработка.
Во врска со „Рекет“ осомничени и во притвор се Бојан Јовановски – Боки 13, Зоран Милевски – Кичеец и специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.