Жестоки судири се уште траат во египетскиот град Порт Саид откако во една од последните имаше жртви на двете страни. Информациите велат дека египетскиот претседател Мохамед Морси и наредил на полицијата да се повлече од улиците и дека воспоставувањето на “редот и мирот” сега и го остава на армијата.
Во третиот ден од жестоките судири, повредени се најмалку 50 луѓе. Стотици демонстранти се собраа пред зградата на локалните сили за безбедност, а по некое време почнаа по зградата да фрлаат со камења и молотови коктели. Полицијата одговори со солзавец и истрели во воздух.
Наскоро на местото пристигаат и оклопни возила на вооружените сили. Армијата продолжува со пукање во воздух обидувајќи се да ги истера демонстрантите. Пред зградата на силите за безбедност е поставен еден тенк, а оклопни возила патролираат низ околните улици.
Морси и нареди на армијата да ја преземе работата во свои раце, по речиси три недели протести и штрајкови во градот. Да потсетиме, побунетите работници кои почнаа да ги окупираат фабриките во Порт Саид, порано веќе посочија дека тие очекуваат државната репресија може наскоро да стане поинтензивна.
Морси се уште размислува дали контролата на целиот град да и го препушти на армијата. Тензиите во градот растат, откако полицијата е обвинета за прекумерна употреба на сила, а информациите велат дека се повеќе растат тензиите меѓу полицијата и војската. Поединечни статии во локалните медиуми велат дека на некои места дури и избиле и судири меѓу полицијата и армијата. Еден полковник наводно е повреден во вооружен конфликт меѓу армијата и полицијата.
Според најновите податоци, во актуелните судири кои траат во Порт Саид досега се повредени 586 лица.