Претседателот на Социјалдемократската партија, помалата членка на владејачката коалиција, Ранко Кривокапиќ изјави денеска дека за таа партија не постои ниту еден претседателски кандидат и оти тој лично ќе ги бојкотира претседателските избори на 7 април.
Кривокапиќ повтори дека кандидатурата на актуелниот шеф на државата Филип Вујановиќ е неуставна и дека тој поради тоа, но и поради други политички причини не може да биде кандидат за претседател.
Кривокапиќ, кој е и претседател на црногорскиот Парламент на прес-конференција по потпишувањето на Рамковната спогодба за партнерство меѓу парламентите на Црна Гора и Унгарија изјави дека кога се во прашање начините за изразување на бојкот на претседателските кандидати постои повеќе можности – од неизлегување на изборите до прецртување на двајцата кандидати на гласачкото ливче.
Функционер од владејачката Демократска партија на социјалистите и пратеник на партијата во Парлементот Миодраг Вуковиќ изјави претходно денеска дека неподржувањето на СДП на Вујановиќ е прекршување на коалицискиот договор, кон кој е должна да се придржува.