Во периодот од 25-ти февруари до 3-ти март, истражувачки тим од Високата школа за новинарство и односи со јавноста, регистрираа неколку случаи на потпалувачки говор во кои имплицинтно се сугерира на говор на омраза. Ова е дел од заклучоците на набљудувањето на медиумското известување за партиско-политичкитие и меѓуетничките прашања, при што беа следени седум дневни весници, две радио станици, осум телевизиски станици и три онлајн портали.
– Оваа година кога го почнавме набљудувањето немавме идеја со што ќе се соочиме, но гледаме дека новинарството опаѓа во квалитет, вели Снежана Трпевска, раководителка на Катедрата на УНЕСКО при Високата школа.
Во набљудуваната недела аналитичарите алармираа за 257 текстови и прилози, а во квалитативната анализа беа опфатени 83.
Тимот забележа дека негативниот говор насочен против друга етничка заедница најчесто се изразува преку суптилна негативна стереотипизација со која се произведува негативна слика за таа група. Покрај тоа, регистрирана е политичка пристрасност преку демонизирање на политичкиот опонент, а најјасно видлива е во телевизиските прилози.
– Треба да се погрижиме медиумите да обезбедат избалансираност за време на локалните избори, вели амбасадорот Ралф Брет, шеф на мисијата на ОБСЕ.
Набљудувањето е поддржано од холандската амбасада.
Јасна Атанасова