Имаме издржани и реални програми за 70 кандидати во општините, со 10.112 проекти за сите сегменти од животот на граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ стои зад секоја програма и ја гарантира нивната реализација. Исклучително висок приоритет имаат проектите од областа на образованието, рече на прес-конференција Панче Кралев, член на владејачката партија и министер за образование наука.
Кралев соопшти дека во програмите на кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ се планира реконструкција на над 170 училишта и доградба или целосно нова изградба на 19 училишта. Ќе продолжи и проектот бесплатни учебници за сите ученици во основното и средното образование, бесплатен интернет во училиштата и студентските домови, како и доопремување на училиштата и училишните кабинети.
– Ќе се обезбеди стипендирање на најуспешните и најталентирани ученици, кое како проект веќе успешно го спроведуваме на централно, а ќе го имплементираме и на локално ниво. Ќе продолжиме со изградбата на планираните 145 спортски сали, а ќе продолжи и реконструкцијата на училишните објекти. Онаму каде што ќе постои реална потреба и можност ќе дадеме поддршка за отворање дисперзирани студии од повеќе универзитети, со што високото образование ќе го направиме уште подостапно до граѓаните и веруваме дека ќе го спречиме одлевањето на младите од општините низ Република Македонија, рече Кралев.
Тој додаде дека и досега посветено се работело во секторот образование. – Во голем број општини изградивме и реконструиравме над 260 училишта низ цела Македонија. Изградени се над 30 училишни спортски сали, реконструирани се ученички домови и отворени се дисперзирани студии. Тоа е нашиот досегашен влог кој и понатака ќе го унапредуваме и зголемуваме. Нашите дела се доказ дека тоа што го ветуваме за следниот четиригодишен период ќе биде реализирано, истакна министерот за образование и наука.