По благиот раст кај кредитите на корпоративниот сектор во јуни, во јули е евидентиран позначителен пад од 2,3 проценти, кој се должи на падот во кредитирањето на корпоративниот сектор во денари и во странска валута, соопшти денеска Народната банка.
На годишно ниво, кредитирањето на корпоративниот сектор бележи пораст за 4,3 проценти. Доколку се исклучи ефектот од преносот на сомнителните и на спорните побарувања од билансна во вонбилансна евиденција, согласно со одлуката на Народната банка, кредитите на корпоративниот сектор во јуни бележат годишен раст од 6,6 проценти.
Вкупните кредити на домаќинствата оствариле месечно и годишно зголемување од 0,7 проценти, односно 9,4 проценти. Најголемо учество во месечниот раст имаат кредитите одобрени во странска валута, додека годишниот раст во поголем дел се должи на кредитите одобрени во денари.Со исклучување на ефектот од преносот на сомнителните и на спорните побарувања од билансна во вонбилансна евиденција, согласно со одлуката на Народната банка, годишниот кредитен раст кај домаќинствата во јуни би изнесувал 10,1 процент.
Како што информира НБРМ, по месечниот раст во јуни, вкупните кредити во јули годинава се намалиле за 0,8 проценти. Месечното намалување е одраз на поголемиот износ на извршени задолжителни отписи на сомнителните и на спорните побарувања во овој месец, под влијание на регулаторни промени. Од аспект на одделните сектори, месечниот пад се должи на намалените кредити на корпоративниот сектор, при благ раст на кредитирањето на секторот „домаќинства“.
Во јули годинава вкупните депозити продолжиле да растат и оствариле годишно зголемување од 10 проценти, во услови на раст на депозитите и на корпоративниот сектор и на домаќинствата.
Во јули 2019 година, вкупните депозити на корпоративниот сектор пораснале за 1,3 проценти на месечна основа, главно под влијание на растот кај депозитните пари и краткорочните депозити во денари и во странска валута, а во услови на минимален раст кај долгорочните депозити во денари и пад на долгорочните депозити во странска валута. Стапката на годишен раст на депозитите на корпоративниот сектор изнесува 9,1 процент и во најголем дел се објаснува со зголемувањето на депозитните пари.