Претседателот на државата Стево Пендаровски на денешната прес конференција рече дека е разочаран од се што слушнал поврзано со случајот „Рекет“. Порача дека очекувал ефективна истрага наместо користење летни одмори од страна на обвинителите и рече дека очекува кривична , како и политичка одговорност од сите замешани во случајот. Во врска со специјалната обвинителка Катица Јанева на новинарско прашање одговори дека е разочаран од неа, по се што слушнал.
„Сведоци сме на огромна криминална афера, која ги тресе темелите на важни државни институции. На почетокот на аферата Рекет кажав дека сум разочаран од тоа што го слушнав. Наместо брза истрага надлежните отидоа на одмор. Снимките предизвикуваат разочараност и оправдан револт, јас како човек, не како претседател сум разочаран“, изјави Пендаровски.
Побара ефективно и темелно завршување на истрагата, обвиненија против сите за кои има докази,и како трето , освен кривична одговоорност рече дека ќе инсиситра и на политичка одговорност.
„Најдобро е сите чии имиња се споменати самоиницијативно да дадат изјави пред обвинителството. Извесно е дека се вмешани луѓе од различни профили, од снимките се слушнаа гласови на бизнисмени и на обвинителка“, рече Пендаровски.
Тој додаде дека СЈО треба да продолжи да функционира во рамки на обвинителството за организиран криминал и рече дека доказите за предметите на СЈО не може да се сметаат за невалидни бидејќи според него индивидуална одговорност на еден обвинител не може да се поврзе со сите во СЈО.