Како еден од најзагадените градови во Македонија, но и град со еколошка свест кај граѓаните во борба против најголемиот загадувач „Топилницата“ денеска од Велес ДОМ ја почна кампањата за советнички листи под мотото „Избери зелено, диши слободно“, истакна претседателката на партијата Лилјана Поповска.
На презентацијата за претстојните локални избори, Поповска потенцира дека одат со четири приоритети, зелени општини за здрав живот, зелена економија и зелени работни места, социјална правда-еднакви можности за сите и толеранција, развој и соработка.
– Сметаме дека преку нашите приоритети во Македонија го обединуваме она што недостасува во другите политички партии, а не треба посебно да се појаснува бидејќи наместо бетонски згради, ние бараме да изградиме повеќе зелени површи и насадиме повеќе дрвја, кои се извор на кислород и здрав живот за граѓаните, но да се заштитат постоечките зелени површини, рече Поповска.
Пред присутните се обрати и носителот на советничката листа на ДОМ за општина Велес, Стевче Дечев, а беа претставени и предложените кандидати.