Промовиран кандидатот на ВМРО – ДПМНЕ за градоначалник на Неготино, Апостолов

Од:

Развој и промоција на индустриската зона „Црвени Брегови”, како и проширување на индустриската зона „Дуброво” со бенефиции за инвеститорите кои ќе отворат нови работни места. Отворање дневен центар за стари лица и станови за социјално загрозени семејства. Понуда на плацови за изградба на стенбени објекти по поволни цени.

Ова се само дел од проектите кои синоќа беа посочени при промоцијата на програмата на кандидатот за градоначалник на Неготино од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија”, Ванчо Апостолов.

– Во соработка со Владата на Република Македонија, општина Неготино активно ќе се вклучи и во инфраструктурниот проект гасификација на општина Неготино преку гасоводниот систем од Клечовце преку Штип до ТЕЦ Неготино. Преку оваа гасоводна траса ќе имаме еколошки чист енергенс и ќе се создадат услови ТЕЦ Неготино како главен и поевтин енергенс, наместо мазут да користи гас. Од овој проект ќе има многу придобивки за локалните институции, бизнис секторот и домаќинствата, а граѓаните ќе имаат далеку помали трошоци од сегашните, рече Апостолов.

Апостолов најави и решавање на деценискиот проблем на неготинчани со рестрикции на водата за пиење кои траат и лете и зиме, со ставање во функција на бунарите во селото Пепелиште со што ќе се добие и технолошка вода.

– За решавање на сообраќајните црни точки во градот и недостатокот од паркинг простор планираме изградба на паркинг простор во центарот на Неготино и два кружни тека, подвлече тој. Во неколку села, информира, ќе се изврши изградба, реновирање и преадаптација на простори за детски градинки.

Кандидатот за градоначалник ги посочи и локалните и селските патишта кои ќе се реконструираат согласно на програмата. Ќе се инвестира и во образованието, спортот и културата.

– Ќе ја пренамениме старата спортска сала „Партизан” во деловно станбен центар. Со овој проект ќе се овозможи отварање на повеќе трговски и услужни објекти, подобрување на услугите на граѓаните и разубавување на центарот на Неготино, нагласи Апостолов.

Се планира и прочистителна станица за фекална канализација на реката Вардар со што ќе се овозможи решавање на проблемот со урбаните отпадни води и подобрување на квалитетот на водите во општината.

– Општината ќе се залага да се обезбеди проодност до обработливите површини во сите села од општина Неготино. Општинската администрација на руралните средини во општина Неготино ќе им овозможи повластени бенефиции за сите оние кои имаат намера да изградат сточарски објекти. Ќе ја зголемиме и соработката и комуникацијата со винарските визби заради подобрување на условите за работа на лозарите, рече кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ, зборувајќи за аграрот во локалната самоуправа.

Тој се осврна и на плановите за развој на различните видови на туризам за кои има потенцијал општината Неготино. Проектите во програмата се, рече, произлезени од барањата и потребите на граѓаните. Тие се со конкретни буџети и конкретни рокови за реализација. Фокусирани на локалниот економски развој и градење партнерство со бизнис секторот за остварување на интересите на граѓаните.

Апостолов вети подобрување на инфраструктурата и бизнис-климата, просперитет на Неготино во поглед на отворање нови работни места, уредување на градот, како удобно и безбедно место.

Би можело да ве интересира

Грузиската Централна изборна комисија ги објави конечните изборни резултати, опозицијата продолжува со протестите

Граѓаните не сакаат предвремени парламентарни избори, вели Мицкоски

Филипче: Ние сме подготвени за избори, ќе настапиме многу организирано и многу поуспешно

Објавени се конечните резултати од изборите во Подгорица

Проруската владејачка партија прогласи победа во Грузија, опозицијата излегува на протести

Предраг Петровиќ

Бугарите викендов одат на седми предвремени избори во последните четири години, неизвесно е кој ќе биде иден мандатар