Околу 17 килограми марихуана, транспортирана во патничко моторно возило, се запленети на влез во Скопје, на наплатната рампа „Петровец“.
Марихуаната, како што соопшти денеска МВР, е запленета завчера околу еден часот, по претходна дојава, а била транспортирана на релација Струмица – Скопје и наменета за домашниот нарко пазар. Возилото „дачиа“ со струмички регистерски ознаки, било управувано од С.С. од Струмица.
– По претходно обезбедена наредба од истражен судија извршен е преглед на возилото и во багажниот простор пронајдена е една полиетиленска вреќа во која имало 17 пакувања со неправилна правоаголна форма облепени со селотејп лента исполнети со околу 17 килограми марихуана, поради што С.С. е лишен од слобода. Подоцна, околу два часот, од слобода е лишено и лицето Д.Т. од Струмица, организатор на транспортот, кој со возило „цитроен Пикасо“ се движел пред возилото „дачиа“ со кое била транспортирана марихуаната и имал улога на „чистач“, се наведува во соопштението од МВР.
Пронајдената марихуана е предадена во Одделот за криминалистичка техника при МВР, заради вештачење и утврдување на точната количина и квалитет. Инаку, како што истакнуваат од МВР, марихуаната при продажба на големо би достигнала цена од околу 17.000 евра, додека на мало на наркопазарите би изнесувала над 50.000 евра.
Против двајцата струмичани, С.С.(22) и Т.Д.(28), поднесена е кривична пријава поради постоење основано сомнение дека сториле кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“, а истражен судија им одреди мерка притвор во траење од по 30 дена.
Се преземаат и дополнителни мерки и активности заради утврдување и кривично правно санкционирање и на други инволвирани лица.