На седницата на Собранието на 27 август, заедно со Законот за јавното обвинителство, по скратена постапка пред пратениците ќе се најде и Законот за Советот на јавни обвинители. Овој закон е донесен пред 12 години и бил изменет само еднаш во 2011 година. Предлог-законот е готов од почетокот на годината, но досега не се најде на дневен ред во Собранието.
Во образложението за донесување на измените на овој закон пишува дека Советот на јавни обвинители е пасивен и невлијателен чинител во креирањето и развојот на сите политиките за дејноста на јавното обвинителство.
Со постојниот закон критериумите и постапките за именување во повисоките јавни обвинителства се недоволно уредени. Транспарентноста е на незадоволително ниво, а интернет-страницата не се ажурира редовно, ограничено е присуството на новинарите и граѓанскиот сектор на седниците.
Со измените, одлуките на Советот мора да бидат образложени и да се објават на веб-страницата. Седниците на Советот се јавни, а јавноста може да биде исклучена само со одлука заради заштита на угледот и интегритетот на јавниот обвинител. За исклучување на јавноста од седниците, Советот ќе одлучува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број членови.
Советот ќе може да одлучува и за барање за дисциплинска одговорност за нивен член, да донесе одлука за член на Советот да може да врши непосреден увид во работењето на јавните обвинители и да донесе Етички кодекс за јавни обвинители, по предлог на Здружението на јавни обвинители.
Најмалку 20 јавни обвинители или најмалку една третина од вкупниот број членови на Советот може да поднесат образложено барање за поведување на постапка за дисциплинска одговорност на член на Советот, заедно со докази.
Основите за тоа се доколку членот на Советот влијае врз самостојноста на јавните обвинители во одлучувањето по конкретни предмети; ја занемари и не ја извршува својата функција; ако одбие да поднесе изјава за имотна состојба и интереси или ако податоците во голема мера се невистинити; ако ги прекрши правилата за изземање во ситуации во кои членот на Советот знаел или требало да знае за постоење на некоја од основите за изземање предвидени со овој закон…
Со Законот се доуредуваат изземањата на членови на Советот поради судир на интереси. Се пополнува и правната празнина која постоеше во овој закон, а се однесуваше на одговорноста на членовите на Советот, односно материјата за разрешување на член на Советот. Седниците на Советот ќе мора да се снимаат аудио или аудиовизуелно.
Новиот предлог-закон предвидува финансиска самостојност и директно финансирање. Законот треба да отпочне да се применува од 15 септември 2019 година.