Србија бара меѓунардоната заедница да изврши притисок врз Приштина, за да и таа, а не само Србија, се согласи на отстапки, поради успех на дијалогот во Брисел, изјави денес советникот на претседателот на Србија, Марко Ѓуриќ.
По состанокот со државниот врв на претседателството на Србија, Ѓуриќ изјави дека државата нема да се откаже од дијалог, но ќе бара формирање на заедници во српските општини и смета дека и Приштина мора да се согласи на отстапки, за постигнување на трајно и одржливо решение.
-Србија во понеделник оди во Брисел со стратегија но и подготвена да разговара за клучните прашања, за уредување на животот на Косово и Метохија – изјави тој, по состанокот со претседателот на Србија, Томислав Николиќ, претседателот на владата, Ивица Дачиќ, потпретседателот Александар Вучиќ и министерот за економија Млаѓан Динкиќ.
Тој додаде дека на состанокот разговарале и за европските интеграции, истакнувајќи дека до 16-ти април непостојат формални, ниту фактички причини Србија да не добие датум за почеток на преговори.
Премиерот Дачиќ истакна дека дијалогот е во криза и не знае во кој правец ќе се водат разговорите со Приштина, бидејќи нејзините претставници не сакаат да разговараат за давање на извршна власт на српските општини на Косово.
Елена Георгиевска