Турција нема таков луксуз оддалеку да ги набљудува настаните на Балканот, изјави денеска турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган на аеродромот во Истанбул.
Пред полетувањето за Босна и Херцеговина, Ердоган порача дека мирот и стабилноста на Балканот се многу значајни за неговата земја.
– Мирот, стабилноста и просперитетот на Балканот се многу важни за нас. Нашата земја нема таков луксуз оддалеку да ги набљудува случувањата на ова подрачје, рече Ердоган.
Тој денеска ќе пристигне во дводневна посета на БиХ во рамки на која ќе присуствува на самитот за Процесот на соработка во Југозападна Европа (СЕЕЦП), со кој претседава Босна и Херцеговина.
Во текот на денот, Ердоган ќе има средба со членовите на Претседателството на БиХ, а најавен е и состанок со претседавачот на Домот на народите на Парламентарното собрание на БиХ и претседателот на Партијата за демократска акција, Бакир Изетбеговиќ.
По состанокот со Изетбеговиќ, планиран е состанок на Ердоган со словенечкиот претседател Борут Пахор.
Се очекува тој денеска да се сретне и со делегацијата на турската воена мисија која дејствува во состав на ЕУФОР во БиХ.
Турскиот претседател утре во Јахорина ќе учествува на самитот на СЕЕЦП, на кој ќе бидат разгледани чекорите за развој на соработката на Балканот, пред се во економијата, трговијата, транспортот, инфраструктурата и инвестициите.