Маја Трпковска, мајката на убиениот Пино Секондо попладнево беше уапсена, а потоа ослободена од полицијата, бидејќи како што вели, на плоштадот во Скопје викала “Македонија, Македонија”, додека поминувале возила од НАТО.
“Ме качија во комбе и ме однесоа во полициската станица Беко. Не сакаа да ми ја признаат италијанската лична карта која ја приложив за да се идентификувам. Мислеа да ме задржат, но откако дојде група на луѓе за поддршка пред полициската станица, решија да не ослободат.
Констатираа дека нема кривично дело за кое може да не гонат или да сме сториле прекршување на законот”, вели Трпковска за “А1он”.
Трпковска беше уапсена заедно со уште две лица, додека се одржувала манифестацијата поврзана со вежбата „Одлучен удар“.
Случајот го потврдија и од МВР од каде рекоа дека три лица не почитувале наредба на полициски службеници односно ја попречувале полицијата во извршување на службени дејствија. Од таму по приведувањето информираа дека ќе бидат поднесени соодветни пријави против овие лица.