Директорот на бирото за јавна безбедност при МВР, Љупчо Тодоровски, денеска го прими амбасадорот на ОБСЕ во Република Македонија Ралф Бред, како и шефот на одделот за развој на полицијата при ОБСЕ Вјачеслав Воробиев.
На средбата главна тема на разговорите биле претстојните локални избори и подготовките за нивно одржување.
Директорот Тодоровски, како што соопшти денеска МВР, го информирал амбасадорот Бред за формираниот штаб при министерството чија што единствена и примарна задача, во рамки на надлежностите на МВР, е одржување на мирен и фер демократски изборен процес.
Тој презентирал и дел од досега превземените почетни мерки и активности согласно зацртаната програма за работа на оперативниот штаб, како и за активностите што во наредниот период ќе бидат превземени во насока на остварување на правото на граѓаните за гласање. Притоа потенцирал дека МВР веќе има воспоставено соодветни контакти со другите надлежни институции со коишто ќе се координираат и заеднички реализираат дел од тие активности.
Директорот на БЈБ Тодоровски упатил покана до амбасадорот Бред, односно до мисијата на ОБСЕ во Република Македонија, да го посетат оперативниот штаб и одблизу да се запознаат со начинот на негово функционирање, како и со планираните мерки и задачи како во текот на изборната кампања, тако и во текот на самиот изборен процес и непосредно по неговото завршување.