Непалката Чурим Шерпа извела неверојатен потфат освојувајќи го Монт Еверест два пати за само единаесет дена, со што го соборила Гинисовиот рекорд.
Шерпа (29) е прогласена за хероина бидејќи во ист месец два пати го освоила највисокиот врв на светот.
Заради потфатот таа доби и Гинисов сертификат што и го врачи министерот за туризам на Непал, Поста Бахадур Богати.
Чурим прв пат го освоила врвот на 12 мај минатата година, а потоа се вратила во кампот за одмор. Меѓутоа, повикот на планината во неа ја пробудил желбата повторно да се врати, и тоа само една недела подоцна.
Првата Непалка која го освоила врвот била 32-годишната Пасанг Ламу во 1993 година, но при враќањето таа починала од премрзнување. Од тогаш 21 жена од овие краишта успеала да се качи на Монт Еверест, но Чурим е првата која тоа го сторила два пати во една сезона.
Најголемиот предизвик за една жена на ваква нагорнина е тоа дека ја следи тим од машки шерпаси, изјави таа во Катманду на приемот на плакетата.
-Ми беше тешко, бидејќи таму нема тоалет. Ние петмината делевме шатор. Беше многу чудно, рече таа.
Монт Еверест е највисоката планина во светот, висока 8.848 метри, што е дел од планинскиот венец Хималаји.