Спасувачки екипи од Унгарија и Јужна Кореја утрово го извлекоа потонатиот јужнокорејски брод од Дунав во Будимпешта. Во извлекувањето учествуваат огромни кранови, бродови и спасувачи. За време на операцијата, најмалку две тела се пронајдени и извлечени од остатоците од туристичкиот брод, кој потона минатиот месец.
Нуркачи влегоа во бродот додека кран го извлекуваше кон површината. На утринските фотографии се гледаат кабината и горниот дел од бродот уништени од водата. Спасувачи го пребараа бродот по евентуални жртви заглавени во пловилото и како што пренесуваат светските медиуми, најмалку две тела биле извлечени и пренесени на копно.
Се очекува операцијата да трае неколку часа.
Јужнокорејскиот брод пренесуваше туристи од Јужна Кореја кога се судри со крузер и потона, при што загинаа 20 луѓе, а осум други се исчезнати.