Претседателот на Европската Комисија, Жан Клод Јункер, денеска ќе го прими Џаред Кушнер, советник и зет на Доналд Трамп. Барањето за средба пристигнало од американската страна, потврди Европската Комисија.
Европската Комисија не открива детали од темите на дневен ред на состанокот помеѓу Јункер и Кушнер, портпаролите само кусо соопштија дека ќе стане збор за “геополитички теми„ и за состојбата на Блискиот Исток.
Џаред Кушнер, кој е сопруг на ќерката на Доналд Трамп, Иванка, изготвува “мировен план“ за Блискиот Исток и поспецифично за израелско-палестинското прашање.
Минатата година, администрацијата на Трамп го призна Ерусалим како престолнина на Израел, што предизвика бура негативни реакции во Европската Унија. Огромното мнозинство европски земји не застанаа зад САД во оваа одлука која ја сметаат за спротивна на меѓународното право.
На денешниот состанок меѓу Кушнер и Јункер ќе се придружи и високата претставничка за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини.