Гватемалската полиција се сомнева дека најбараниот нарко-бос во светот, Хоакин Гузман, познат како „Ел Чапо“, е убиен во престрелка во близина на мексиканската граница, известува Еј-Пи.
Случајот е под истрага, но велат дека по пресметката на двете банди во областа Петена не се пронајдени телата на две убиени лица.
„Мораме да ги почекаме сите технички информации и да утврдиме дали еден од убиените е навистина „Ел Чапо“ Гузман“, рекол портпаролот на владата на Гватемала, Франциско Куевас.
Портпаролот не објаснил зошто властите веруваат дека еден од убиените е токму Гузман, но портпаролката на Министерството за внатрешни работи за Еј-Пи изјавила дека има луѓе кои сведочеле дека еден од убиените наликувал на „Ел Чапо“.
Гузман се криел од полицијата веќе 10 години, откако во 2001-та година побегнал од затвор со колата за пренесување на долна облека. Тој се смета за еден од најопасните и најбараните бегалци во светот, а списанието Форбс го проценило неговото богатство на една милијарда долари.
Јасна Атанасова