Пораки на Денот на Европа: Време е за обединување, прво за почеток на преговори, потоа за напредок во преговорите

Од:

Северна Македонија е добра вест на Балканот. Земјата донесе тешки одлуки и направи големи компромиси за да ги оствари своите стратешки цели, а тоа се членството во НАТО и ЕУ. Сега е време за обединување, а политичарите и политичките партии да ги остават настрана разликите, со цел да се интензивираат напорите прво да се почнат преговорите за членство во ЕУ, второ да се оди напред во преговорите.

Ова беа клучните пораки што денеска беа упатени по повод Денот на Европа 9 Мај, на „ЕУ Појадокот“, организиран од Секретаријатот за европски прашања, а на кој се обратија новоизбраниот претседател Стево Пендаровски, вицепремиерот Бујар Османи и евроамасадорот Самуел Жбогар.

Новоизбраниот претседател Пендаровски во обраќањето пред ЕУ амбасадорите рече дека изборите што завршија не беа толку битни за неговата победа, туку дека беа чисти и демократски.

Тоа, како што рече Пендаровски, е само еден дел од она што земјава може да и го понуди на Унијата пред претстојниот самит во јуни, кога очекуваме одлука за почеток на преговори.

– Мојата главна цел како претседател во наредните пет години, покрај членството во НАТО и ЕУ, е да бидам и обединувач на нацијата, која е толку многу поделена во минатото. И од првиот ден на моето стапување на функцијата ќе работам со опозицијата, со граѓанскиот сектор, со медиумите, со сите оние што ја споделуваат заедничката цел, а тоа е да бидеме полноправна членка на ЕУ и НАТО, и да бидеме вистински Европејци, рече Пендаровски.

Тој на амбасадорите им кажа дека земјава чека добри вести од престолнините на ЕУ во последните десет дена од месецов, како и од престолнината на Унијата Брисел во јуни.

– Не се сомневам дека сите вие посветено ќе ја поддржите нашата цел, нашиот главен мотив после толку време во чекалницата, а тоа е членството во Унијата, им порача новоизбраниот претседател на амбасадорите.

Вицепремиерот Османи рече дека како дел од Процесот за стабилизација и асоцијација веќе 20 години, и земја кандидат веќе 15 години, имајќи ги предвид неколкуте препораки за почеток на преговори и можноста официјално да го почнеме овој процес во јуни годинава, Северна Македонија строго го следи и ги усогласува политиките и правосудниот систем со оној на Унијата.

– Само пред околу 21 месец, само малкумина веруваа дека оваа Влада може да го испорача она што делуваше невозможно речиси три децении. А тоа е да ги затвориме отворените прашања со Бугарија и со Грција, да го затвориме исклучително сензитивното прашање за Законот за јазиците, во исто време останувајќи фокусирани на реформите во клучните приоритетни области. Успехот припаѓа на сите граѓани, рече Османи.

Османи потсети дека претседателските избори беа чисти и демократски, дека земјава донесе тешки одлуки и оти ги исполни сите ветувања.

– Денес можам да кажам дека ги исполнивме сите наши ветувања. Донесовме тешки одлуки. Не беше лесно а некои не беа задоволмни од одлуките. Но тоа мораше така да биде за да не изгубиме уште една деценија и уште една генерација. Тие одлуки не донесоа до потпишување на протоколот за членство во НАТО, што е огромно историско достигнување. Членството во НАТО не е важно само за нашата земја, туку и за зајакнување на безбедноста и стабилноста на Југоисточна Европа, оцени Османи.

Според него, перспективата за членство во ЕУ на западнобалканските земји е јасна геостратешка инвестиција, во посилна обединета Европа и моќна алатка за промовирање демократија, владеење на правото и почитување на фундаменталните права.

– Предизвикот сега е како да се движиме напред во време на демографски и безбедносни предизвици и како да се интегрира Западниот Балкан во Унијата. Потенцијалната цена да не оставите надвор е многу повисока, отколку да не примите внатре. Дополнителни напори од двете страни се потребни за да се заврши процесот на интеграција, мисија што претстои да биде завршена, подвлече Османи.

Вицепремиерот рече дека по 28 независност, конечно е видливо исполнувањето на стратешките цели.

– Продолжување на реформите во клучните области, немање изговори од наша страна, ова е наша животна шанса што не смееме да си дозволиме да ја пропуштиме. Со големи чекори се придвиживме кон Унијата и очекуваме и од Унијата да се приближи до нас со тоа што ќе отвори преговори во јуни годинава. Подготвени сме и тоа можеме да го направиме, се надеваме и дека Унијата тоа ќе го стори, истакна Османи.

Евроамбасадорот Самуел Жбогар посочи дека по неколку изборни циклуси во последните неколку години што неизбежно ја поделија земјата, време е политичарите и политичките партии, да ги остават разликите на страна, било тие да се идеолошки, етнички или лични.

– Време е да се покаже единство за целта и да се интензивираат напорите, прво да се почнат преговорите, второ да се оди напред во преговорите. Ова го потврдија сите партламентарни партии, и тоа е нешто што го очекуваат од вас и граѓаните. Како и во минатото, и сега ЕУ ќе ве поддржува на тој пат, порача Жбогар.

Изрази задоволство што се наоѓа во земја што е извор за стабилност во регионот и пошироко.

– Тука сум во земја која направи тешки одлуки и испорачува реформи. Во земја која носи добри вести на Балканот. Денес не можам да најавам отворање преговори во јуни, бидејќи тоа е одлука на нашите земји-членки. Но вие имате силен и убедлив случај да покажете, и чашата се пополнува, порача евроамбасадорот.

Европа денеска го одбележува својот ден – 9 Мај, европски симбол, што заедно со заедничката валута – еврото, знамето и химната, го претставуваат политичкиот идентитет на Европската Унија.

Северна Македонија очекува дека од Советот на ЕУ во јуни ќе добие одлука за датум за почеток на преговори. На тоа претходно ќе следи извештајот на Европската комисија. Договорот за Законот за јавно обвинителство е еден од условите за добивање позитивен извештај на Европската комисија.

Владините претставници согласни дека во ЕУ на сите им е јасно дека оваа година Северна Македонија мора да ги почне претпристапните преговори, мора да има одлука, а кога таа одлука ќе се донесе зависи од сплет на околности – од една страна продолжувањето на спроведувањето на домашните реформи, од друга страна случувањата во самата Унија, во чии земји членки почна кампања за изборите за Европскиот парламент.

Земјава од 2005 година е кандидатка за членство во ЕУ. Во 2001 година прва од регионот ја потпиша Спогодбата за стабилизација и асоцијација. Во 2004 година аплицираше за членство, а во декември 2005 година се стекна со статус земја кандидат.

Би можело да ве интересира

Во парк шумата Гази Баба се прославува Денот на Европа

Ана Ололовска

Прославете го Денот на Европа со пикник исполнет со забава во паркот Гази Баба под слоганот „Иднината не поврзува!“

Ана Ололовска

Со промоција на нова ТВ емисија, концерти, изложби, пикник и младински активизам Делегацијата на ЕУ ќе го одбележи Денот на Европа 2023

Ана Ололовска

Русија објави дека спречила терористички напад на 9 мај

Фон дер Лајен: Граѓаните низ Европа ја оживеаја „визијата за енергична и модерна европска демократија“

ВИДЕО: Рускиот амбасадор во Полска полеан со црвена боја на церемонија за Денот на победата

Катерина Ѓуровски