Во среда, на 8 мај со почеток во 20 часот, Филхармонијата ќе го реализира симфонискиот концерт „Нов свет“, на кој како солист ќе настапи врвната виолинистка од Латвија, Баиба Скриде.
Виртуозноста, музикалноста, искрениот пристап кон делата што ги изведува и силната љубов што ја исполува кон нив ќе ја одведат виолинистката Баиба Скриде на сцените низ светот да настапува со едни од најзначајните оркестри и диригенти денес. За македонската публика, таа ќе го изведе Концертот за виолина и оркестар бр. 1 во a-moll, оп. 77 од Дмитриј Шостакович, кој рускиот композитор го посветил на прочуениот Давид Ојстрах.
Диригент на концертот е маестро Јерухам Шаровски од Израел, а оваа вечер ќе биде изведена и една од најдобрите симфонии на сите времиња, Симфонија бр. 9 „Од новиот свет“ од Антонин Дворжак.
Виртуозноста, музикалноста, искрениот пристап кон делата што ги изведува и силната љубов што ја исполува кон нив ќе ја одведат виолинистката Баиба Скриде на сцените низ светот да настапува со едни од најзначајните оркестри и диригенти денес. Таа постојано добива покани за настапи како солист, а критиката за неа вели дека нејзините толкувања на музиката се свежи, современи, а нејзините изведби мошне чувствителни, во кои внесува радост. Скриде настапува со Берлинската филхармонија, со оркестрите на Лајпциг, Бостон и Чикаго, со Њујоршката филхармонија, со Концертгебау оркестарот, со Оркестарот на Париз, Лондонскиот симфониски оркестар, Шангај симфонискиот оркестар, Филармонискиот оркестар на Хонг Конг… со диригенти како што се Марин Алсоп, Кристоф Ешенбах, Ед Гарднер, Сузана Mалки, Андрис Нелсонс, Василиј Петренко, Туган Сохиев, Симон Јанг… Во 2018 година таа се врати да настапува со Симфонискиот оркестар на ХНК од Токио, со Јука-Пека Сарасте и на Танглевуд музичкиот фестивал настапувајќи со Симфонискиот оркестар на Бостон и Андрис Нелсонс, пред стартот на 2018/2019 концертната сезона, во која се вклучени настапи со Би-би-си промс (турнеја), Филхармонијата Елб во Хамбург, „Музиквереин“ во Виена, Филхармонијата на Минхен, „Концертгебау“ во Амстердам, со оркестрите на Хјустон, Торонто… Баиба Скриде е реномирана и како камерен музичар на светско ниво, а зад себе има и богата дискографија. Родена е во музичко семејство во Рига, каде што и ги започнала студиите. Во 2001 година ја освои првата награда на натпреварот „Кралица Елизабета“. Свири на виолина „страдивари“ која ѝ ја позајмува семејството преку Меѓународното друштво за виолина „Беар“.
Роден во Буенос Аирес, Аргентина, маестро Јерухам Шаровски (1956) рано почнал да изучува музика. Студирал флејта, контрабас, композиција и диригирање на Националниот конзерваториум за музика во својот град. Во почетокот на 1970-тите години емигрирал во Израел каде што дипломирал на Академијата за музика „Рубин“ во Ерусалим, во класата на проф. Менди Родан. Во 1990 година, Шаровски бил избран од славниот маестро Зубин Мехта да ја прими наградата „Млад артист на годината“ кога ја добил и привилегијата да диригира со Израелската филхармонија, како и со другите поголеми оркестри во Израел. По турнејата во поранешната СССР, која за него била мошне значајна во кариерата, во 1991 година станал уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар „Раанана“ во Израел. Под палката на Шаровски, овој оркестар добил статус на еден од најпопуларните симфониски ансамбли, изведувајќи стотици дела и надвор од земјата. Од 1998 до 2004 година, маестро Шаровски раководел и со Бразилскиот симфониски оркестар на Рио де Жанеиро, со кој патувал на турнеи во Бразил и во Европа и снимил четири цедеа. Тогаш го формирал Младинскиот симфониски оркестар на Бразил, кој прераснал во еден од најпознатите ансамбли во земјата. Со Бразилскиот симфониски оркестар заминал на турнеја и во САД, каде што во Централ парк во Њујорк, како и во Линколн центар одржал концерти пред 50-илјадна публика, кои биле високо оценети од публиката и од критиката. За време на својата кариера, маестро Шаровски диригирал со повеќе од 50 оркестри во повеќе од 20 различни земји, вклучувајќи ги и серијата концерти со маестро Лорин Мазел, диригирајќи со Минхенската филхармонија во Германија и со Симфонискиот оркестар на Ерусалим заедно со Баварскиот радиски оркестар на концерти посветени на градот Ерусалим. Маестро Мазел го предложил маестро Шаровски да биде и дел од жирито на интернационалниот натпревар за диригенти „Лорин Мазел“ (2002). Неговиот репертоар е широк и во однос на оперските изведби, а во последните години тој гради навистина успешна кариера на полето на едукацијата, одржувајќи мајсторски курсеви на значајни универзитети во светот.