Обичаите за Велигден, а и многу други обичаи кои се на премин од една во друга година, имаат мошне специфична нарација. Сите традиции и обичаи кои жилаво се одржуваат до денес во себе ги носат надежта за подобро и исчистувањето од гревовите, вели Александар Цветкоски, етнолог од прилепскиот „Завод и музеј“.
Оваа е „Страсна недела во која се внимава на чистотата на телото и на душата. Откако на Величетврток се вапсаа велигденските јајца, на Велипеток се битни обичаите да се купи нешто симболично што ќе потсетува на празникот преку целата година, но и да се исчисти домот, а и душата да биде чиста.
-Според народните верувања, најдобро е во петок да се направат магиските обреди за да се заштити куќата. Тогаш, на Велипеток се чисти и посебно, се мијат ногалките од столиците и од масите, а крпите со кои се чисти, се фрлаат. Тоа значи дека куќата ќе биде заштитена од сите зли сили кои во минатата година, од минатиот Велигден до овој, се насобрале. На Велипеток се купува. По нешто за сите домашни. Најчесто, ситен подарок кој останува целата година за да потсетува на Велигден. Потоа се купува јагнешко месо и, секако, јагнешки џигер. Јагнешката супа за Велигден е традиција во Прилеп. Суштината на обичаите на Велипеток е во чистотијата. Домаќинката и оние кои ги изведуваат тие ритуални обреди, мора да бидат чисти. Тоа значи да постеле, да немале лоши мисли, вели етнологот Цветкоски.
Обичаите се жилави, опстојувале низ времињата, а Прилеп има специфика која сака да ги нагласи сопствените адети.
-Обичаите и традициите се одржуваат. Тие се многу жилави. Можеби понекогаш „скршнуваат“ во некој правец. Оние обичаи кои се врзуваат со материјално дарување (да се купи секому по нешто, а посебно децата да добијат ново парче облека остануваат, се унапредуваат). Некои „поситни“ обичаи можеби во одреден период се оставени настрана. Се знае, обичаите и најчесто се „тренд“. Прилеп има специфични верувања, посебно со христијанската митологија. Некои верувања, кои дошле од други места, села, останале, спротивно од она што го вели, напати, Црквата. Неретко секој си носи најспецифично верување, кое, на пример го донесол од Мариовскиот, од Поречкиот крај, од, како што се вели „полските села“, па често е поразлично од она што го има во другите градови во Македонија. Но, едно е јасно, во Прилеп обичаите и традициите длабоко се вкоренети во битисувањето на луѓето и остануваат до ден-денес, смета Цветкоски.
За етнологот Александар Цветкоски, обичаите за Велигден, а и многу други обичаи кои се на премин од една во друга година, имаат мошне специфична нарација.
-На пример, според стариот календар, на Велигден бил преминот од старата во новата година, почеток на пролетниот и летниот солстициум. Најмногу се врзани околу безгрешноста, негирањето на безгрешноста, зашто минатата година се наталожиле многу гревови кои треба да се исчистат, а тоа е поврзано со ритуалната чистота за Велигден. Многу е битно да ѝм се докаже на самата средина, на верските авторитети, а и на семејството, дека се почитуваат тие ритуали за чистота. Не случајно се собираат „здравец“ и други лековити треви со кои се капат децата, а тука е и чувањето на првото вапсано, црвено Велигденско јајце да стои цела година, да обезбеди здравје и добробит на домот, вели Цветкоски.
Тоа е, додава тој, надеж за подобро, а Велигденот ја дава таа голема надеж. Покрај тоа се сака да се истакне и богоплашливоста на луѓето и дека мора да се исчистат од наталожените гревови преку годината.
-И многу е битно преку првиот „полазеник“ посетител да се започне новиот период. Тогаш се одредува судбината во домот. Затоа е и она „шетање“ на децата по куќите за собирање јајца. Битно е детското благословување ( за бериќет за здравје, за сигурна иднина) кога влегуваат во домот да собираат јајца на Велигден. Ова е многу задржано во Прилеп како посебен вкоренет обичај. Порано имало и детски, велигденски песни со потсетување на жртвата, Христовото распнување и воскреснување, ги објаснува Велигденските обичаи етнологот од прилепскиот „Завод и музеј“, Александар Цветкоски.