Фондација „Никола Кљусев“ почнува со серија работилници поврзани со менталното здравје на човекот. Првата дводневна работилница „Како да се справите со депресијата? Болест или феномен на модерното живеење?“ ќе се одржи вечер во просториите на Фондацијата.
На работилницата ќе се дискутира за причините поради кои се јавува депресија, како да се совлада, како да се препознае во личниот и професионалниот живот и во секојдневното опкружување.
Депресијата е состојба на нерасположение и аверзија кон активност, што влијае врз мислите, однесувањето и чувствата на една личност. Депресивното расположение може да е eндогено хормонално растројство, со биолошки или генетски предзнак. Може да биде резултат на голем број заразни болести, невролошки болести и физиолошки проблеми, а може да е поврзано и со злоупотреба на дрога и алкохол.
Депресивното расположение може да не бара никаков професионален третман и може да биде нормална реакција на одредени животни настани, симптом на некои здравствени состојби или несакан ефект од некои лекови или медицински третмани. Но, неоткриената и нелекуваната депресивна состојба или т.н голема депресија може да заврши фатално.