Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово вечер во 19 часот ќе биде промовирана љубовната поема „Естер Ихаз“ на поетесата Оливера Доцевска.
Ова е втора промоција на поемата, по промоцијата во Скопје, но е прва сценска изведба.
Стиховите ќе бидат изведени во вид на пиеса од младите актери Мики Јаневски (како Зеид Арман) и Симона Атанасовска (како Естер Ихаз), по сценарио на Ана Љубиќ (со ментор Оливера Доцевска), во режија на Тони и Кристина Станковски.
Промотори на книгата се доајенката на македонскиот и кумановскиот театар, актерката Кети Дончевска Илиќ и новинарката Јасмина Тодоровска, а рецензенти на книгата се д-р Марина Мијаковска и Паскал Гилевски.
Поетесата Оливера Доцевска дипломирала на Правниот факултет во Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Работи како адвокат во Скопје. Таа е поетеса, активист за човекови права, есеист, колумнист, приредувач и преведувач, уредник на нејзиниот портал за општество и култура budnost.mk.
Од 2012 година член е на Друштво на писатели на Македонија , а од 2014 – 2018 година е претседател на статутарна комисија на ДПМ воедно и член на Собраниски одбор на ДПМ.
Нејзиното книжевно творештво опфаќа повеќе дела поезија и проза, колумни, есеи, преводи, приредени антологии и збирки поезија, преведена е на повеќе јазици и добитник на неколку награди за поезија.