ЕК се надева во овој мандат да започне трговски преговори со САД

Од:

Европската Комисија чека сега од американската администрација да одобри преговарачки мандат за трговските прашање, откако ЕУ утрово ја усвои одлуката.

Европската комесарка за трговија, Сесилија Малмстром денеска изјави дека ако Американците дадат зелено светло „мислам дека доста бргу може да одат“ преговорите, со надеж дека ќе можат и да завршат пред крајот на мандатот на оваа Комисија, односно кон крајот на годината.

ЕУ и САД треба да преговараат за укинување на царините врз индустриските производи и олеснување на признавањето на техничките стандарди на усогласеност за компаниите во двата блока.

Штом САД одобрат мандат од нивна страна, Европската Комисија во име на земјите членки на ЕУ ќе може да ги почне овие преговори со цел избегнување на трговска војна помеѓу двата блока.

– Подготвени сме да преминеме на следната фаза во односите ЕУ-САД, претседателите Трамп и Јункер се сретнаа во јули и се договорија за позитивна трансатлантска трговска агенда која е суштинска за да се избегне спирала на мерки и контрамерки и трговска војна, истакна Малмстром.

САД минатата година воведе 25 отсто повисоки царини врз увозот на челик и алуминиум, на што ЕУ одговори со низа нови царини врз американски производи. Администрација во Вашингтон оттогаш се заканува со царини врз европските автомобили што силно би ја погодило Германија.

Франција денеска гласаше против отворањето на овие преговори и покрај тоа што добија гаранции дека земјоделските производи се исклучени од преговорите и дека почитувањето на животната средина и на климатскиот договор од Париз ќе биде централна точка во разговорите со САД. Другите земји на ЕУ ја заобиколија Франција бидејќи одлуката се носи со квалификувано мнозинство, но ставот на Франција иритира во Брисел.

Како што пренесуваат медиумите, француската позиција им е „несфатлива“ на европските дипломати со оглед на направените отстапки.

Црвените линии на ЕУ во овие преговори се земјоделските производи, но и барањето САД да ги укине царините врз челикот и алуминиумот до крајот на преговорите. САД ќе мораат да ги повлечат и заканите за царини врз автомобилите.

Малмстром порача дека ЕУ во секој момент е спремна да започне и дека одлуката е сега во рацете на Вашингтон.

Укинувањето на царините врз индустриските производи би го зголемило европскиот увоз за осум отсто, а американскиот за девет, порача комесарката. За сега царините се околу 4,8 отсто врз индустриските продукти во ЕУ, и 3,8 отсто од американска страна.

Брисел се надева дека со нов трговски договор до 2033 година трговските размени меѓу двете страни би се зголемиле за десет отсто, или 53 милијарди евра.

Би можело да ве интересира

Америка потврди: Им дадовме зелено светло, можат да нападнат

Кремљ: Ударот со хиперсонични ракети е предупредување за Западот

Американската разузнавачка служба ги предупреди одбранбените компании за заканата од руска саботажа

Чувар на американската амбасада во Осло уапсен под обвинение за шпионажа

Горан Наумовски

Русија: Ја предупредивме Америка за нападот

Со проектили е погодена воена база на САД во Сирија