НУ Театар Комедија в понеделник (8 април) гостува во Центарот за култура „Ацо Караманов“ во Радовиш, каде што ќе ја изведе „Дони Дарк“, најнаградувана претстава на Театар Комедија за 2018 година.
„Дони Дарк“ е романтична комедија чија содржина го опфаќа процесот на осамостојувањето на едно младо слепо момче и неговата социјална интеграција во општеството, притоа прикажувајќи ги различните емотивни фази и состојби низ кои поминуваат овие лица и нивните семејства. Дејството е сетилно, поддржано со многу интензивни емоции, и се движи некаде помеѓу болката и радоста, љубовта и омразата, моќта и немоќта, горчливото и слаткото…
Поради својата тематика, која ги опфаќа правата и социјализацијата на луѓето со посебни потреби, но и поради сите други квалитети што ги поседува како театарска пиеса, „Дони Дарк“ е исклучително актуелна претстава. Со овој театарски проект во Театар Комедија беа реализирани неколку проекти за подобрување на условите за пристап и непречено следење на претставите од страна на лицата со хендикеп и на тој начин НУ Театар Комедија се вброи меѓу театарските куќи кои ги отвораат вратите за сите категории на граѓани. Режисер на претставата е Роберт Ристов, а во неа играат: Мирјана Ристов, Даријан Петров, Магдалена Ризова – Черних и Сашо Ристовски.
Претставата започнува во 20 часот.