„Авионот е пронајден, има првична истрага, но не можеме да ги кажеме причините за несреќата“, е кусиот одговор за „А1он“ од првиот човек на Комитетот за истрага на воздухопловни несреќи, Зоран Илиевски, по падот на авионот „цесна“ на Солунска Глава, каде што животите ги загубија сите четворица патници, семејство од Бугарија.
Во телефонски разговор Илиевски одби да коментира за деталите околу падот на „цесната“, со образложение дека институциите допрво ги чека многу работа и дека се собираат информации за несреќата. Од МВР денеска го потврдија идентитетот на жртвите, а од Судска медицина известија дека се прави обдукција на телата.
Дел од бугарските медиуми веќе објавија аудиоснимка од разговорот помеѓу пилотот и контролата на летање, каде се слуша дека авионот се обидува да избегне облак.
„Може да се прелета над Солунска Глава, нема облаци, сигурно е и чисто со база од над 300 метри над врвот. Да, ама пилотот јави дека е турбулентно и го снема од радар“, е дел од разговорот меѓу контролорите, објавена на dnes.bg.
Од М-НАВ велат дека тие не смеат официјално да ја објават снимката додека трае истрагата. Директорот на управниот одбор на М-НАВ, Николче Тасески, ги негира информациите објавени во дел од медиумите дека на авионот не му било дозволено да слета во Скопје поради посетата на грчкиот премиер Алексис Ципрас. Тој тврди дека пилотот поради лошите временски услови првично барал да слета во Скопје, му било одобрено, но потоа побарал дозвола да породолжи за Софија. Пред да го снема од радар, пилотот пријавил силни турбуленции.
Инаку, „цесната“ е авион од лесна категорија до 7000 килограми што задолжително не мора да поседува црна кутија, но, сепак, не се исклучува можноста да поседува во зависност од воздухопловот. Од обвинителството засега не откриваат дали имало црна кутија и дали е пронајдена. Оттаму велат дека пределот на планината Јакупица каде што паднал авионот е непристапен и дека не можело целосно да ги извлечат остатоците од леталото.
„Локацијата е целосно обележана, а експерти од одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења на МВР и од Комитетот за истражување воздухопловни несреќи и сериозни инциденти ќе ги вештачат остатоците од авионот, со цел да се утврдат причините за авионската несреќа“, велат од обвинителството.
Авионот полетал вчера од Охрид и околу 16 часот се изгубил од радарот. Со „цесната“ управувал бизнисменот Георги Бошнаков од Бугарија, кој бил заедно со својата сопруга Калина и двете ќерки, Билјана и Гергана. Според дел од бугарските медиуми, Бошнаков имал аматерска лиценца за управување со авион.