Македонскиот репрезентативец Предраг Самарџиски извојува победа со неговиот тим Црвена Звезда синоќа во Белград, во дерби натпреварот од 21.коло во кошаркарската регионална АБА лига. Противник на „црвено-белите“ беше градскиот ривал Партизан.
Во триумфот од 84:76, Самарџиски учествуваше со шест поени, еден скок и две асистенции за осум минути поминати на теренот.
Со оваа победа Црвена Звезда стана најсериозен конкурент на Игокеа за освојување на првото место и значително си ги зголеми шансите за пласман на завршниот „фајнл-фор“ турнир.
Македонскиот претставник во ова натпреварување, тимот на МЗТ Скопје Аеродром го направи изненадувањето на колото победувајќи ја Цедевита во Загреб со 80:78.
Резултати на другите завршени средби од 21.коло во АБА лигата: Шолнок – Унион Олимпија 89:72, Сплит – Крка 61:71 и Будуќност – Широки 65:57.
Последните два натпревари од ова коло ќе се одиграат денес, а двојките се: Игокеа – Задар и Раднички – Цибона.
Табела: Игокеа 15-5 (победи-порази), Црвена Звезда 15-6, Партизан 13-8, Будуќност 13-8, Раднички 12-8, Цедевита 12-9, Унион Олимпија 11-10, МЗТ Скопје Аеродром 11-10, Крка 9-12, Цибона 7-13, Задар 7-13, Широки 7-14, Сплит 7-14 и Шолнок 6-15.