„Да танцуваме!“ е насловот на претстојниот симфониски концерт на Македонската филхармонија кој ќе се одржи на 28 март, во четврток, со почеток во 20 часот.
Под палката на маестро Габриел Бебешелеа од Романија, оркестарот ќе ги изведе прекрасните дела: „Словенски танци“ оп. 46 од Антонин Дворжак, како и „Симфониски танци“ оп. 45 од Сергеј Рахмањинов.
Дворжак најголемата популарност ја стекнал токму со своите прочуени серии од осум „Словенски танци“ кои најпрвин ги напишал како сет за пијано дуо, на барање на германскиот музички издавач Фриц Симрок, идеја која всушност ја иницирал Брамс како еден од најголемите поддржувачи на чешкиот композитор. „Симфониски танци“ на еден од најголемите руски композитори Сергеј Рахмањинов, опишани како длабоко емоционални и сентиментални, се сметаат за едно од најубавите оркестарски дела.
Маестро Габриел Бебешелеа е шеф-диригент на Државниот филхармониски оркестар „Трансилванија“ во Клуж-Напока, Романија. Моментно живее во Виена, каде што ги заврши постдипломските студии на Универзитетот за музика и изведувачки уметности.