„Фантазија апасионата“ е насловот на претстојниот симфониски концерт кој ќе се одржи овој четврток, 21 март, со почеток во 20 часот. Под диригентската палка на инспиративниот диригент од Холандија, маестро Конрад ван Алфен, ќе бидат изведени дела од македонскиот композитор Владимир Николов, премиера на неговата „Jasmine Flowers and Red Chestnuts“, од белгискиот композитор Анри Виетан – Концерт за виолина и оркестар бр. 5, како и премиера на неговата „Фантазија апасионата“, од каде потекнува и насловот на концертот, и Симфонијата бр. 3 наречена „Шкотска“ од Феликс Менделсон.
Како солист, овој пат ќе се претстави австрискиот виолинист Бенџамин Шмид, кој се смета за еден од најпопуларните европски виолинисти за кого се снимени неколку документарни и концертни филмови, а кои го прикажуваат неговиот исклучителен статус како музички уметник.
„Конрад ван Алфен е инспиративен диригент кој ги прави нештата да се случуваат“, ќе напише критиката за холандскиот маестро. Етаблираниот холандски/ јужноафрикански диригент Конрад ван Алфен се стекнал со својата популарност и кај оркестрите и кај публиката благодарение на посебниот начин на кој тој ги води пробите и изведбите. Маестро Ван Алфен е уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам. Во изминатите 16 години го издигнал својот оркестар на ниво да биде интернационално признат оркестар и да стане домаќин на концертни серии во Ротердам, Хаг и Амстердам. Скорешните интернационални турнеи на оркестарот ги вклучуваат: Русија, Мексико, Бразил, Колумбија и Чиле. Од 2005 до 2009 година, Конрад ван Алфен бил на позицијата шеф-диригент на Државниот симфониски оркестар „Сафонов“ во Русија, каде што се здобил со наградата за својот придонес во културата во Јужна Русија. Во моментот е уметнички директор на Московското филхармониско здружение во чии рамки редовно диригира со оркестрите од Москва, во познатата сала „Чајковски“.
Исто така, тој е гостин-диригент и со оркестрите на добро познатите културни центри во Новосибирск и Санкт Петербург. Во изминатите години бројни оркестри низ светот настапиле под диригентската палка на Ван Алфен, и тоа во: Холанија, Германија, Белгија, Италија, Швајцарија, Англија, Данска, Израел, Словенија, Србија, Бугарија, Романија, Полска, Јужна Африка, Кина и Мексико. Неодамна успешно дебитирал со Филхармонискиот оркестар од Брисел, со „Симфоникер“ во Бохум и со Симфонискиот оркестар „Светланов“ во Москва. Бројни солисти ја уживале неговата придружба, како што се: Даниел Хоуп, Жанин Јансен, Бенџамин Шмид, Куирин Виерсен, Роланд Браутигам, Албан Герхард, Симон Ламсма и Никита Борисо-Глебски. Низ изминатите години неговите соработки со Рускиот нацинален оркестар и солистот Михаил Плетнеев на фестивалите во Монтро и Мерано резултирале со неколку покани за соработка за турнеите во Кина и во Јужна Америка. Конрад ван Алфен е роден во 1963 година во Преторија. По завршувањето на своите музички студии на 26-годишна возраст, тој се преселил во Холандија и ја имал постојаната позиција на контрабасист во Радио-симфонискиот оркестар и на Академијата „Бетовен“ во Антверпен, Белгија, паралелно студирајќи и диригирање под раководство на Ери Клас и Роберо Бензи.
Австрискиот виолинист Бенџамин Шмид е роден во Виена, пораснал во Салцбург, каде што денес живее, и поседува широк репертоар изведувајќи дела од различни музички епохи. Покрај стандардната програма, тој ги изведува и концертите за виолина од современи автори како што се Хартман, Гулда, Корнголд, Шимановски, Лутославски или Регер. Препознатлив е, а и се издвојува од другите виолинисти по неговите извонредни вештини во совладувањето на техниките на музиката на 20 век, како и во џез-импровизацијата. Меѓу другите, Шмид го освоил и натпреварот „Карл Флеш“ во Лондон (1992) и оттогаш настапува на главните концертни сцени во светот со познати оркестри како што се Виенската филхармонија, Филхармонискиот оркестар на Лондон, Филхармонијата на Санкт Петербург или „Концертгебау“ во Амстердам, со диригенти како што се Кристоф фон Донани, Давид Цинман, Валери Гергиев… Досега има снимено околу 50 ЦД-а и некои од нив се закитиле со престижни награди („Ехо класикс“, „Избор на уредникот“ на „Грамофон“) и во сферата на класиката, но и во сферата на џезот. Бенџамин Шмид свири околу 80 концерти годишно низ светот, и е професор по виолина на „Моцартеум“ во Салцбург, а постојано држи и мастер-часови во Берн, Швајцарија.
Добитник е на Меѓународна награда за уметност и култура на градот Салцбург и свири на една од најдобрите виолини на Страдивари „ex Viotti 1718“ достапна благодарение на Австриската народна банка. Неговата изведба на Концертот за виолина од Паганини/Крајслер со Виенскиот филхармониски оркестар под водство на маестро Валери Гергиев била емитувана на телевизиските екрани низ светот, а потоа и сместена на ЦД и ДВД-изданија на „Дојче грамофон“. Името на Бенџамин Шмид стои и во книгата „Големите виолинисти на 20 век“ од Жан-Мишел Молкоу како еден од најзначајните виолинисти.