Деновиве во издание на издавачката куќа „Восток“ излезе романот „Низводно“ на познатиот и наградуван српски романописец, поет и есеист Ѓорѓе Д. Сибиновиќ.
Како што вели во рецензијата Елена Богдановска, Низводно е роман за текот на свеста на поединецотнаспроти текот на епохата. Двете светски војни, Југославија во создавањето на новиот човек и новите вредности, студентскиот протест и распаѓањето на епохата, прикажани низ призмата на семејството, членовите на семејството и поединецот Стеван Церовиќ. Во таквата трипартитна структура авторот истражува зошто пропадна таа епоха чии темели беа удрени на искреноста, трудот, пожтрвуваноста, колективот и заедницата. „Низводно“ е автобиографија за секој Балканец во дваесетиот век. За опстанокот после југословенскиот бродолом, симболично прикажан во пластичното шише од две литри кока-кола полно со валкан бензин.
Авторот се јавува како човек кој ја сведочи големата вистина преку малите вистини слушнати, доживеани и лично искусени. Токму тој дел ја сочинува автентичноста и неповторливоста на текстот.
Ѓорѓе Д. Сибиновиќ (Шабац ,1964), поет, прозаист, есеист, доктор на правни науки. Ги објавил книгите поезија Престол (1994); Плодови (1998), Нешто доверливо (2004), Населбата на белите куќи (2012),Речник на поезијата (2013), Илјада карактери (2013), Песни полни љубов (2014), Антологија на споредни соништа (2015) и Перото Вилијам Шекспир (2018). За поетското творештво ги добил наградите Мирослав Антиќ, Вукова Задужбина, Милан Ракиќ, и Мајевички Вијенац. Освен поетските книги, ги објавил книгите есеи Туѓи работи (2000), Fremde sahen (2000), Заклон и други есеи (2003), Букви црвени (2010), Глава без јазик (2014), Годината на бунтот (2015), како и романите Погрешно (2016)и Низводно (2018), како и книгата есеи Не вреди да се зборува (2018). Преведуван е на германски, француски, македонски, украински и англиски јазик. Живее и работи во Белград.