Во НУ Завод и Музеј-Битола денеска беше промовирана книгата „Бојда – корени на националниот идентитет“, труд посветен на корените и животот на Исмаил Бојда, Македонец роден во областа Гора на Косово и претседател на Сојузот на Македонци со исламска религија.
На промотивниот настан во Битола, Исмаил Бојда истакна дека оваа книга овозможува да се воочат корените на националниот идентитет на Македонците со исламска вероисповед.
– Сакав да расчистам меѓу тоа, зошто во поранешна Југославија бев неопределен, потоа Муслиман, во еден период бев сврстуван во останати, па Југословен, без да се знае што е нација, а што религија. Во ова дело се заокружува едно осознавање, односно духовно и национално осознавање на исламизираните Македонци или на овој дел на Македонскиот народ. Ние сме Македонци не затоа што некој ќе се смилува за тоа дека сме дел од оваа држава, туку затоа што сме Македонци и затоа што постоиме како Македонци, истакна Бојда.
На средбата со новинарите во Битола, претседателот на Светскиот Македонски Конгрес Тодор Петров, еден од рецензентите на ова дело, рече дека Македонците муслимани се неодтуѓив и нераскинлив дел од Македонскиот народ, исто како и Македонците православни.
– Државата има обврска да го интегрира овој нераскинлив дел од Македонскиот народ во државата заедно со сите, да им созададе услови за живот во местото каде што живеат, услови за работа, образование на мајчин Македонски јазик и никогаш да не заборавиме дека колку што оваа држава им припаѓа на Македонците православни, толку им припаѓа и на Македонците муслимани, посочи Петров.
Книгата „Бојда – корени на националниот идентитет“ на авторката Жаклина Трпевска ја промовираше дипломатот Ристо Никовски кој истакна дека ние имаме неколку стотици илјади Македонци кои не се православни, а се со исламска правоисповест.
– Јас сум бил во Гора и во Голо Брдо каде сите обичаи се чисто и изворно Македонски, рече меѓу другото амбасадорот Никовски на денешната промоција во Битола.