Има одлична реализација од преку три милиони евра инвестиции само од почетокот на годинава преку Проектот за подобрување на општински услуги – МСИП, што го спроведува Министерството за финансии, со поддршка на Светска банка и Европската унија, истакна денеска министерот за финансии Драган Тевдовски при посетата на новото училиште во село. Гургурница, во Општина Брвеница. Училиштето е изградено токму преку МСИП.
Инаку МСИП, поддржува капитални проекти што ги подобруваат условите за живот во општините.
– Морам да кажам дека на почетокот на годинава имаме одлична реализација на Проектот за подобрување на општински услуги. Преку три милиони евра се вложени во 27 општини и тоа изградба на локални патишта, водоснабдување, зелен пазар, гимназија, општинска зграда. Преку Проектот за подобрување на општински услуги сакаме во сите општини во земјава да обезбедиме подобри услови за живот за сите граѓани, рече Тевдовски.
Вкупниот фонд на МСИП е 81,1 милиони евра. Преку Проектот за подобрување на општински услуги досега се поддржани над 250 капитални проекти во сите општини во земјава. Станува збор за капитални проекти кои придонесуваат за подобрување на условите за живот како локални улици, водоводи, канализации, градинки, училишта, наведува Министерството за финансии.