Советот на судии во Апелациониот суд Скопје ја уважи жалбата поднесена од страна на јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во врска со изречената пресуда во предметот со штитеничката на Домот за деца „Ранка Милановиќ“ – Скопје. Судот ја преиначи првостепената пресуда на Основниот суд Скопје 1 и на првообвинетата ѝ изрече казна затвор во траење од 17 години, а другите две лица ги осуди на казна затвор во траење од по 14 години.
Во декември минатата година надлежниот јавен обвинител поднесе жалба, незадоволен од висината на изречената казна за трговија со дете со која тројцата обвинети, по признание на вина, беа осудени на казна затвор, и тоа М.Д. во траење од 13 години, а Е.Ј. и С.Р. од по 12 години. Иако првостепениот суд пресуди затворски казни за сторителите, јавниот обвинител ценеше дека при определување на висината на казната, судот ги преценил олеснителните околности, на сметка на отежителните, па казните по својата висина не се соодветни и не претставуваат адекватен општествен прекор упатен кон обвинетите.
За настанот со штитеничката на Домот за деца „Ранка Милановиќ“ – Скопје обвинителството оформи предмет по допрен глас. Од прибраните докази во текот на истражната постапка се утврди дека во период од почетокот на декември 2017 година до 6.2.2018 година детето било жртва на трговија со луѓе, извршена од страна на осудените лица.
При тоа, во Кавадарци, Радовиш, Штип и с. Мислешево – Струшко, првообвинетата М.Д. употребувала сила, сериозна закана и измама, ја искористила немоќта на детето па долг временски период од користољубие го принудувала за пари да дава сексуални услуги на возрасни мажи. Осудената организирала брак и го присилувала детето да се омажи, дополнително ја експлоатирала жртвата и на друг начин. Кога дознала за бременоста на детето, осомничената го испратила да абортира во Скопје. Обвинетите Е.Ј. и С.Р. сексуално ја злоупотребувале оштетената, во неколку наврати свесно и со умисла го принудувале да ги задоволува нивните сексуални потреби, нанесувајќи му физички повреди кога давало отпор.