Археолошкиот локалитет Стоби, кој минатата година одбележа 100 години од првите системски истражувања, бил многу интерсен за посетителите. Тие сакале да ги видат Театарот, просторот околу Храмот на Изида, мозаиците на Епископската базилика, каде што се вршеа нови археолошки истражувања и конзерваторски работи.
Стоби минатата година го посетиле над 20 илјади туристи, а поголем број биле странски. Директорот на НУ Стоби Спасе Перовски за МИА изјави дека бројот на посетителите, особено странските, од година во година расте, а тоа се должи и на автопатот што минува покрај локалитетот.
Лани екипите во Стоби работеле и конзерваторско-реставраторски работи на полукружниот плоштад и санација на дел од брегот на Црна Река покрај локалитетот.
-Посебно интересна беше крстилницата во Епископската базилика. Конзервацијата беше завршена со финансирање од американски грант, рече Перовски.
Според објавената програма на Министерството за култура, за годинава тие треба да добијат скоро двојно поголем буџет од минатогодишниот кој изнесуваше 4.220.000 денари.
-Но колку точно ќе изнесуваат средствата за кои веќе ни се одобрени нашите проекти со кои конкуриравме ќе знам кога од Министерството за култура ќе го добијам решението кое го очекувам, појасни Перовски.
Според објавената програма на Министерството за култура, на НУ Стоби за 2019 година треба да им се доделат средства за: археолошки истражувања и конзерваторско-реставраторски работи на театарот; археолошки доистражувања и конзервација на фрескоживописот од јужниот брод на Старата епископска базилика; за замена на покривот над крстилницата на Епископската базилика; конзервација на мозаиците од јужниот брод на Епископска базилика; конзервација на метални предмети; археолошки истражувања на западната некропола, како и материјали и опрема за конзерваторскиот оддел.
-Имаме и најава за финансиски средства за номинација на Стоби за наградата „Жива“ за 2019 за најдобар археолошки локалитет од културното наследство на словенските земји, набавка на систем за влез на туристи, печатење билети и електронска евиденција и тековно одржување и уредување на локалитетот, информираше Перовски.
Покрај проектите од програмата, во 2019 година во Стоби ќе бидат реализирани и четири интернационални проекти во соработка со фондацијата „Балканско наследство“.Тие опфаќаат три теренски школи за конзервација на керамика и стакло, конзервација на мозаици и теренски археолошки истражувања, како и изработка на мастер-план за конзервација на локалитетот со поддршка на фондацијата „Каплан“ од САД.