Министерот за финансии Драган Тевдовски ќе учествува на конференцијата „Кон подобрени структурни реформи и фискални рамки“, која денес и утре се одржува во Љубљана, Словенија. На овој дијалог за политики учествуваат и повеќе претставници од земјите во регионот и на Европската комисија. Организатор на конференцијата е Центарот за обука во областа на финасиите (ЦЕФ) од Љубљана.
Министерот Тевдовски ќе биде говорник на панелот „Економско управување во контекст на пристапот во ЕУ“, што ќе се одржи утре. Тој ќе се осврне на Планот за економски реформи (ПЕР) кој ги опфаќа мерките и реформите кои ги преземаме во прцесот на пристапување кон ЕУ. На овој панел ќе учествува и министерот за здравство на Црна Гора, заменик-министерот за финансии и економија на Албанија и координаторот за Програмите за економски реформи на Босна и Херцеговина.
Конференцијата е дел од проектот за зајакнување на капацитетите на министерствата од земјите на Западен Балкан и Турција за процена на фискалните импликации од структурните реформи.
Во процесот на пристапување во Европската унија, економиите од земјите во регионот треба да станат доволно витални за да ги издржат конкурентните притисоци на единствениот пазар на ЕУ. Економското управување, конкурентноста и трговијата се идентификувани како клучни области кои треба да се зајакнат. Во тие рамки, клучни инструменти на политиката во овој процес се програмите за економски реформи (ПЕР), вклучувајќи ги структурните реформи, со цел да се поттикне растот и конкуренцијата, а истовремено обезбедувајќи фискална дисциплина и одржливост.