Успешно минатите тестови од сите предвидени области на официјалната клиника на ФИБА Европа која се одржа месецов во Турција, му донесоа на македонскиот судија, Алија Феревски, статус на меѓународен судија.
Клиниката за кандидати за меѓународни судии на ФИБА Европа се одржа од 1-9 февруари во Сакарија, на која полагаа вкупно 30 кандидати од 29 различни држави од Европа. Полагањето, се состоеше од полагање на низа тестови од познавање на англискиот јазик, тестови од кошаркарските правила, како и посебен физички тест, а Комисијата на ФИБА Европа имаше можност да ги испита квалитетите на кандидатите и во практичниот дел, кој содржеше судење на натпревари на деветдневниот меѓународен младински турнир во организација на Федерацијата на Турција.
По комплетирањето и сумирањето на резултатите од сите овие области, Комисијата на ФИБА Европа, во состав Мигуел Бетанкур, Ричард Стоукс и Алан Ричардсон одлучи да му го додели престижниот статус за меѓународен судија на македонскиот претставник Алија Феревски. Со тоа, Феревски се приклучува на уште петмината моментално активни македонски судии на меѓународен план: Александар Милојевиќ, Петар Денковски, Игор Митровски, Александар Павлов и Зоран Митровски.
„Со добивањето на статусот ФИБА судија, ми се оствари еднодеценискиот сон и тоа за мене претставува огромна сатисфакција за 16-те години поминати во нашите спортски сали како судија. Сметам дека ја оправдав довербата која ми ја даде МКФ и дека достојно ја претставив македонската кошарка и нашата земја на оваа Клиника. Му благодарам на ФИБА Националниот инструктор г-н Ѓорѓи Пиперков, со кој интензивно работевме изминатите дваипол месеци, благодарение на што отидов мошне добро подготвен на Клиниката. Значката на ФИБА за мене е поттик уште повеќе да се надградувам како судија и да го давам мојот максимум на кошаркарските терени во иднина“, – вели Феревски по враќањето од Турција.
Инаку, Феревски е роден 1980 година, а на домашната кошаркарска сцена, паралелно во сениорските и младинските натпреварувања, суди веќе 17 години, односно од 1996 година.