Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, денеска ги брифирал претставниците на земјите членки за состојбата со безбедноста на македонската граница откако е затворена таканаречената балканска рута, јави дописничката на МИА од Брисел.
Според официјалните податоци има драстично зголемување на обидите за нелегално минување на границата, но вицепремиерот не сакаше да каже дали е тоа на било кој начин поврзано со спречениот обид за атентат, за кој јавија МВР и американската амбасада неодамна.
-Во последните три месеци забележуваме зголемени обиди за нелегално преминување на границата, од околу две илјади случаи на спречени илегални преминувања, што е за 60 отсто зголемување во однос на претходната година, 90 отсто од нив од Грција, при што може да се каже дека во најголем дел се спречени и Македонија делува во рамките на таа заедничка политика на ЕУ, рече Османи за МИА.
Станува збор за вкупно 1960 случаи, во ноември, декември 2018 и јануари 2019 година.
Османи не беше во можност да каже дали и колку борци од воените жаришта од Сирија и Ирак се вратени во Македонија, ниту дали и колку барања има за враќање, ниту која е стратегијата на владата за справување со овие лица доколку се вратат во земјата.
-Ние сме во блиска комуникација и координација со САД и другите стратешки партнери по однос на оваа состојба, ја знаете и последната акција за спречување на можно таргетирање на државата од такви центри и ќе продолжиме сите политики да ги хармонизираме со нашите стратешки партнери, кусо изјави вицепремиерот за МИА.
Американскиот претседател, Доналд Трамп, неодамна побара од европските земји да ги примат назад борците од нивните земји кои се заробени во Сирија, но прашањето предизвика длабоки поделби внатре во Европската Унија.
ЕУ нема заеднички став по ова прашање, бидејќи станува збор за строго национална надлежност, иако Унијата е подготвена да помогне да се координираат земјите меѓусебно и да разменуваат информации.
Запрашан дали неодамна спречениот терористички напад во Македонија е на било кој начин поврзан со овие борци, Османи упати кон Министерството за внатрешни работи за повеќе детали.
-Тоа беа информации кои беа собрани од нашите безбедносни служби и службите на партнерите за можна размена на средства и поттикнување на извршување на евентуални напади во Македонија и тоа беше пресретнато и мислам дека е спречено изјави вицепремиерот.
На денешното излагање во Европскиот центар за политики, Османи инсистираше на важната улога која ја игра Македонија и земјите од регионот во спречувањето на „нелегалната миграција“ и контролата врз балканската рута и предупреди дека ЕУ не смее да си дозволи „црна дупка“ во Македонија или во регионот, оти тоа, според него, го покажа мигрантската криза.