Во Собранието на Република Македонија денеска седници ќе одржат комисиите за надворешна политика, за политички систем и односи меѓу заедниците и Законодавно-правната комисија.
На дневен ред на Комисијата за надворешна политика е Предлог-законот за ратификација на Спогодбата меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Романија за соработка во областа на образование, наука, култура, мас-медиуми, млади и спорт.
Членовите на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците ќе расправаат по Предлог-законот за извршување на санкциите во второ читање.
Законодавно-правната комисија ќе ги разгледува предлог-законите за изменување и дополнување на законите за јавен долг, за регистрирање на готовински плаќања, за ревизија, двата во прво читање. На дневен ред на седницата се и предлог-законите за вршење на сметководствени работи, за прекинување на бременоста, за тутун, производи од тутун и сродни производи, за услуги, за акцизите и за слободен пристап до информации од јавен карактер, сите во прво читање.
Членовите на Законодавно-правната комисија ќе одржат уште една седница на чиј дневен ред се предлог законите за дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Македонија, за изменување на Законот за оперативно-техничка агенција, двата по скратена постапка. На седницата ќе се расправа и по предлог-законите за ратификација на Спогодбата меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Романија за соработка во областа на образование, наука, култура, мас-медиуми, млади и спорт и за извршување на санкциите во второ читање.