Чудни коинциденции го следат победникот на „Санденс“, за „Медена земја“ и награда и дете

Од:

Телефонски повик непосредно пред премиерата што го добила екипата на трикратно наградениот македонски документарец на престижниот фестивал „Санденс“ ги потресла членовите поради чудниот синхронизитет на датумите и нивната поврзаност со семејството што е дел од приказната на овој филм.

„Пред премиерата ни се јавија од семејството кое е дел од нашата приказна во филмот ‘Медена земја’ и ни кажаа дека им се родило 8. дете. Оваа вест нè стигна некој час пред проекцијата на филмот, но потоа следеше уште еден шок. Во текот на тие три години снимање бевме сведоци и на смртта на мајката на централната личност во филмот, пчеларката Атиџе, а кога ги проверивме материјалите нè вџаши фактот дека тоа се случило исто така на овој датум претходната година. Не сакаме од тоа да правиме мистерија, но во процесите на снимање се случуваат необјасниви нешта, а со ‘Медена земја’ од самиот почеток до крајниот производ приказната се надградуваше и ние само инстиктивно ги следевме сите детали кои се отвораа еден од друг“, откри продуцентот на филмот Атанас Георгиев, на денешната прес-конференција.

Преполни со впечатоци, сите членови на екипата на „Медена земја“ раскажуваа за своите искуства за време на снимањето, за неочекуваните награди во „Санденс“ и за желбата нивниот успех да го искористат за јасна порака до јавноста да ја смени свеста и барем малку да размисли за односот кон природата како што во филмот тоа го прави пчеларката Атиџе.

„Овој филм навистина сакаме да го искористиме во мисија да ја смениме свеста на луѓето да разберат колку е важна животната средина и односот кон неа. И за нас беше вистинско откритие односот на пчеларката Атиџе, која половина од медот го собира за себе, а другата им ја остава на пчелите. Алчноста на човекот и цивилизацијата е голема закана за природата и за опстанокот на луѓето и на животните. Исто така, сакаме да го свртеме вниманието и за помош на децата од семејството што го снимавме, би сакале за нив да се обезбеди во иднина школување и подобри услови за живот“, рече режисерот Љубо Стефанов.

Уште на фестивалот во „Санденс“ екипата почнала со кампања за донации за протагонистите од нивниот филм, кои живеат во тешки услови. Тие на оние што донираат симболично им подаруваат мала тегличка од органскиот мед што се прави од диви пчели во сосема еколошка средина.

„Авторитетот од постигнатиот успех ќе го искористиме за да наидеме на поддршка од сите оние што ќе сакаат да му помогнат на ова семејство и пчеларката Атиџе да добијат подобри услови за живот“, вели режисерката Тамара Котевска. Таа додава дека тригодишната работа на „Медена земја“ донела две клучни работи во нејзиниот живот: созревање како човек и автор и создавање една голема фамилија.

Документарецот премиерно беше прикажан на 28 јануари, во Јута, САД, на најголемиот американски фестивал на независен филм „Санденс“.

Филмот има цел да ја прикаже припадноста на човекот кон природата и нарушувањето на природната рамнотежа преку судир на два различни начини на искористување на Земјините ресурси, во случајов, пчелите и медот.

Режисери на филмот се Љубо Стефанов и Тамара Котевскa, сниматели Фејми Даут и Самир Љума, на музиката се потпишуваат членовите на „Фолтин“, а музички супервизор е Рана Еид од „ДБ студиос“ од Бејрут.

Идејата за „Медена земја“ потекнала за време на теренските истражувања во подрачјето што наликува на степа во долниот дел на Брегалница, што изобилува со извонреден и уникатен биодиверзитет. Швајцарската Агенција за развој и соработка ја препознала вредноста на овој документарец и затоа ја поддржа идејата за снимање и продукција.

Документарецот од „Санденс“ („Sundance“) во Парк Сити, Јута, САД се врати со наградите на жирито (Grand Jury Prize) за најдобар документарен филм, а снимателите Фејми Даут и Самир Љума беа наградени за најдобра кинематографија (Special Jury Award for Cinematography). Документарецот го доби и специјалното признание од жирито за влијание за промена (Special Jury Award for Impact for Change).

„Медена земја“ раскажува приказна за последната жена одгледувач на диви пчели во Европа, која се обидува да ги спаси пчелите и природниот баланс во природата кога семејството на номадски пчелари се населува на нејзината земја и ѝ ја загрозува егзистенцијата. Документарецот, кој е во продукција на „Аполо медиа“ и „Трис филмс“, е реализиран како дел од Програмата за зачувување на природата во Македонија – проект на швајцарската Агенција за развој и соработка (SDC), координиран од „Фармахем“, а поддржан е и од Агенцијата за филм на Република Македонија.

Ана Василевска

Би можело да ве интересира

Три награди на „Санденс 2021“ за „Улиште“

Катерина Ѓуровски

Филмот „Улиште“ ќе се натпреварува за гран-при на Фестивалот „Санденс“

Ана Ололовска

Документарниот филм „Медена земја“ во официјалната конкуренција на фестивалот „Санденс 2019“

Ана Ололовска

„Види ја ти неа“ влезе во официјалната програма на фестивалот „Санденс“

Ана Ололовска