Апелациониот суд во Тирана објави во четвртокот дека ослободи осум поранешни официјални претставници на Министерството за одбрана и им ја намали затворската казна на останатите единаесет, претходно осудени за експлозија во март 2008 година во военото депо кај Тирана, со 26 загинати и 302 повредени.
Армиски генерал и седум други воени офицери, првично осудени на 1 до 4 години затвор, ослободени се од одговорност, пишува во соопштението на Апелациониот суд.
Казната од шест години затвор на поранешниот началник на Генералштабот, Луан Хоџа, осуден за одговорност за експлозијата на воениот магацин, е намалена на пет години.
Меѓу десетте други чии казни се намалени, се, управникот на компанијата одговорна за уништување на воената опрема, Михал Делијорѓи, чија казна е намалена од 10 на 6 и пол години затвор, и лицето одговорно за уништување на воената опрема, Дритан Минколи чија казна е намалена од 18 на 12 години затвор.
Казната за поранешениот функционер на министерството за одбрана, Илија Пинариет, осуден во март минатата година на 18 години затвор, намалена е на 15 години.
Семејствата на жртвите ја критикуваа одлуката на Апелациониот суд.
“Уништено од корупцијата, албанското правосудство направи неправда и повторно ги уби жртвите на оваа трагедија, наместо да ги казни виновниците”, рекоа семејствата во заедничкото соопштение.
Уништувањето на воена опрема во магацинот е направено спротивно на прописите со што биле загрозени животите на вработените, меѓу кои нелегално работеле дури и деца, утврдено е со обвинителниот акт.