Возачот на автобусот не бил под дејство на алкохол и дрога – допрва ќе се утврдува дали разговарал на мобилен

Од:

Надлежниот јавен обвинител од скопското обвинителство заедно со увидни екипи на Министерството за внатрешни работи информира дека во 13.15 минути го завршил увидот на местото на тешката сообраќајна несреќа што се случи вчера на патниот правец Скопје-Тетово, во која 14 лица го загубија животот, а повеќемина се повредени. Поради тежината на настанот и обемот на истражни дејствија во овој предмет е вклучен и втор јавен обвинител.

„Автобусот на компанијата „Дурмо турс“ кој преминувајќи преку двете сообраќајни ленти излета од автопатот и се преврте во близина на стариот пат е подигнат од местото на несреќата и по наредба на јавниот обвинител врз него ќе се врши детално техничко вештачење од страна на Mашинскиот факултет во Скопје. Заради правилно утврдување на фактите, денеска на местото на несреќата беше присутна и екипа на Mашинскиот факултет која ги направи првите проверки на исправноста на возилото. Од досегашните сознанија утврдено е дека автобусот бил набавен во 2001 година, а последен пат бил регистриран во јануари 2019 година. По наредба на јавниот обвинител, Машинскиот факултет ќе изготви писмен вешт наод и мислење“, соопшти Обвинителството.

На самото место со јавниот обвинител била присутна и екипа на Бирото за судски вештачења, од каде треба да биде изготвен писмен вешт наод и мислење за причините на сообраќајната незгода.

Од Обвинителството информираа дека надлежниот јавен обвинител ќе ја побара целокупната документација од компанијата „Дурмо турс“ за дозволите за јавен превоз кои ги поседува, одржувањето на возилата, бројот на патници и продадени карти во автобусот кој сообраќал на релацијата Скопје-Тетово, како и податоци во врска со работното време и релациите кои ги поминал возачот на критичниот ден.

Обвинителството соопшти дека возачот кој управувал со автобусот е хоспитализиран и се здобил со телесни повреди. „Веднаш по несреќата јавниот обвинител имаше првичен разговор со него и притоа тој не даде релевантни податоци за целиот настан. Јавниот обвинител усно е известен дека анализата на примероци на крв и урина покажала дека во моментот на несреќата кај возачот не е регистрирано присуство на алкохол, лекови или психотропни супстанции. Со барање на листинзи од мобилен оператор ќе се утврдува дали возачот во моментот на несреќата користел мобилен телефон“, соопштија од Обвинителството.

На Институтот за судска медицина, по наредба на јавниот обвинител извршена е обдукцијата на 13 од починатите лица, додека за едно лице обдукцијата е во тек. Од увидните екипи на Министерството за внатрешни работи по завршениот увид до Основното јавно обвинителство Скопје ќе бидат доставени записниците за увид, скицата, фото-документацијата и други обезбедени материјални докази.

Во зависност од утврдените факти обвинителството ќе донесе јавнообвинителска одлука.

Васко Маглешов

Би можело да ве интересира

457 загинати во сообраќајни несреќи во три години

Катерина Ѓуровски

Сообраќајка на патот Дебар-Струга, во прекин е сообраќајот

Загина возач на магистралниот пат Кочани – Штип

Четворица српски државјани повредени во сообраќајка во Црна Гора

(ВИДЕО) Седум лица загинаа во тешка сообраќајна несреќа во близина на Јелоустоун во САД

Во судар на два мопеди загина 13-годишно дете, друг малолетник е тешко повреден